Словенечки бендови, мажуретки, фолклор и традиционална храна на фестивалот „Словенечки денови во Охрид“

Охрид, 24. јуни 2016 (ИНПРЕС) – Од денес до 28-ми јуни културно – забавниот живот во Охрид ќе биде дополнет со уште еден настан, кој според атрактивноста и уникатноста, ќе предизвика голем интерес кај охриѓани.

Станува збор за меѓународниот фестивал „Словенечки денови во Охрид“ или „Словенија во Охрид“, кој по долгогодишни напори, Младинскиот културен центар од Охрид успеа годинава да го донесе на брегот на Охридското Езеро. Фестивалот се организира во соработка со Мажуретната асоцијација на Словенија.

Официјалниот дел на фестивалот ќе започне од утре со дефиле во 19 часот. Групите ќе шетаат по кејот на езерото, а собирот ќе биде на Градскиот плоштад. Секоја од групите ќе има по три минути да се претстави со една точка. Потоа групите ќе се придвижат кон локацијата наменета за одржување на самиот фестивал, Долни Сарај, каде програмата започнува во 20 часот.

На фестивалот учествуваат околу 600 учесници од Словенија, претставници од аматерската култура.

– Сите овие групи, без разлика дали фолклорни, хор, оркестри, мажуретни состави, се поддржани од нивниот фонд, затоа што имаат фонд за аматерската култура при нивното Министерство за култура и едноставно голем број од нив на самиот конкурс кој го објавивме, се пријавија и ќе учествуваат овие денови. Во сабота ќе биде дефилето и отворањето на фестивалот. Во недела, пак секоја од групите ќе има можност да се претстави со малку подолг репертоар, во времетраење од 12 до 15 минути. Тој ден охриѓани ќе имаат можност на посебни штандови да пробаат национална храна од Словенија, најави Зоран Стрезовски од Младинскиот културен центар од Охрид.

Претседателот на Мажуретната асоцијација на Словенија, Алеж Брезникар, во врска со организирањето на овој настан, од името на членовите на сите словенечки групи кои доаѓаат во Охрид, искажа почит кон градот и кон државата, потсетувајќи на времињата кога Македонија и Словенија биле дел од поранешна Југославија.

sloveneckidenoviohrid2

– Охрид и Македонија за нас се многу драги, како народ со кој некогаш сме живееле заедно. Аматерската култура која ќе ја претставиме е навистина доста квалитетна и со истата се занимаваат доста луѓе. Во предвидените денови за фестивалот, ќе настапат многу квалитетни оркестри, фолклорни групи, хорови и мажуретни групи. Мислам дека аматерската култура е многу блиску до професионалната култура. Посакувам да не’ посетат што повеќе охриѓани, да видат како ние во Словенија живееме, да се провеселиме заедно и секако да ја пробаат нашата национална кујна, затоа што како народ особено многу Ве цениме, дополна Брезникар.

Влезот за фестивалските денови за посетителите ќе биде слободен. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес