Неработен ден е понеделник по повод Денот на Македонската револуционерна борба

Скопје, 19. октомври 2016 (ИНПРЕС) – Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на Република Македонија, 23-ти октомври, недела, Денот на Македонската револуционерна борба, односно 24 октомври, понеделник, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Денот на Македонската револуционерна борба е државен празник, кој се празнува на 23 октомври во Македонија. Празникот се празнува од 2007 година кога бил донесен и изгласан новиот закон за државни празници.

Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива