Македонската музика се враќа во медиумите, запрена Одлуката на Собранието на ЗАМП

Скопје, 1. ноември 2016 (ИНПРЕС) – Министерството за култура на Република Македонија донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.

Од Министерството за култура во дописот до медиумите информираат дека во согласност со својата законска надлежност утврдена со Законот за авторското право и сродните права, по извршниот надзор над Одлуката на Собранието на ЗАМП од 19-ти септември годинава, донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.

– Од надзорот на Министерството за култура над Одлуката на Собранието на ЗАМП се констатираше дека Одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права. Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот, додаваат од министерството.

Авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива