„Етносфера” – нов македонски музички состав со нова песна „Копнеж”

Скопје, 1. ноември 2016 (ИНПРЕС) – Македонската традиционална музика и мелос, добија нова, поинаква современа димензија.

Од соработката меѓу македонските музички уметници Благојa Трајковски и Николa Мицевски, како и нивните долгогодишни соработници, реномираните музичари Владимир Крстев, Зоран Костадиновски, Тони Цветаноски, Павле Јаневски, Зоран Ристевски Озо, Зоран Конга Јагоридовски, произлезе посебна приказна наречена „Копнеж”.

Идејата на новоформираниот музички состав, наречен Етносфера, е на оригинален начин да создадат, инструментална и вокално инструментална македонска музика, која ќе ги содржи сите примеси на нашата традиција. За првенчето „Копнеж” беше снимен и видео запис во реализација на Горила Филмс.

Етносфера најавува и соработка со врвни музичари од земјава и странство, како и комплетно авторски музички материјал, кој ќе остави значаен траг во македонската музичка историја. За него ќе биде задолжен познатиот композитор Никола Мицевски, додека сите останати членови ќе имаат свој значаен придонес. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива