Спречен шверц на 29 килограми марихуана на граничниот премин Блаце

Скопје, 1. ноември 2016 (ИНПРЕС) – Синоќа на граничниот премин Блаце за влез во Република Македонија се пријавило лицето Б.Г. (26) државјанин на Република Албанија.

Со него како сопатници патувале уште три лица од Албанија.

При царинска контрола лицата одговориле дека немаат ништо за пријавување и дека патуваат за Германија. Царинските инспектори од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови го селектирале возилото за детален преглед. При контрола на возилото царинските инспектори забележале одредени неправилности на подот од возилото. По отстранувањето на седиштата и теписонот од подот на возилото, забележале дека лимот е свежо обоен и дека по целата должина под подот од возилото има специјално направен бункер, наполнет со вкупно 29 пакетчиња со наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од околу 29 килограми. Дрогата требало да биде однесена до Германија, а нејзината цена на западно – европскиот пазар би достигнала вредност од околу 120.000 евра.

Случајот е предаден на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кои по собирање на сите докази, до надлежното јавно обвинителство ќе поднесат кривична пријава против осомничениот Б.Г., поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекрусори“. (Крај)

извор: Инпрес фото: Царина