Од 15 ноември задолжително носење на зимска опрема за возилата

Скопје, 2. ноември 2016 (ИНПРЕС) – Од 15 ноември стапува на сила задолжителната обврска за носење зимска опрема, потсетуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг, се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од четири милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4), подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг, подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри, пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала, автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и прирачен алат, лопата.

Доколку не се почитува обврската за носење на зимска опрема се предвидуваат казни од 45 евра во денарска противредност, односно на возачот ќе му се регистрираат 25 негативни бодови. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива