Missing image

Betty’s Boobs – За вистинската музика човек се откажува од многу работи

Охрид, 20. септември 2014 (ИНПРЕС) – Охридскиот рок состав Betty’s Boobs во обновен состав го продолжува својот пат на свирки и забави и тоа се’, како што велат, во служба на музиката.

Непишано правило е дека кавер – бендовите се најдобрите „корегирачи“ на сето она што им поминало низ призмата на импровизацијата на авторските бендови. Токму такви ќе ги доживеете Betty’s Boobs. Бенд кој на репертоарот има теми од Roxette до David Bowie, од Barry White до Stevie Wonder, од Alice in Chains до Deep Purple, па дури и ска-панк-латиноалт теми на (недодефинираниот) музичар Manu Chao, а тука е уште и Betty’s Boobs – совска верзија на денс класикот „Lady“ на французите Modjo …

Во атмосфера каде се „кршат“ хард-кор зборови, а не чаши, Инпрес поразговара со членовите на бендот. Бендот го сочинуваат: Димитри Алчев – вокал, Никола Јосифоски – клавијатури, Крсте Симиџиоски – бас, Јован Бочвароски – гитара и Мишко Силјаноски – тапани.

Инпрес: Дел од членовите на сегашната постава на бендот Betty’s Boobs, предходно го сочинуваа бендот Bloom, па потоа Геврек. Исто така, некои од Вас, пред деценија и пол, сте членувале и во сосема други бендови. Дали оваа постава која сте моментално е плод на некои турбуленции околу предходниот состав на бендот, или едноставно така се поклопија работите, овде и сега да биде токму петорка Betty’s Boobs?

Јосифоски: Не да се рече дека имало некои големи турбуленции, но дел од членовите од време на време имаа други обврски и секој си тргнуваше по својот пат. Точно, на почетокот бевме Bloom, некаде од 2002/2003 година, до кај 2008. Потоа решивме да се разделиме како Bloom, но затоа, пак за кратко време го формиравме Геврек. Потоа, имавме и електрична варијанта на Геврек, имавме и тапанар. Не свиревме неколку месеци, а потоа одлучивме да формираме нов бенд, но со истата основа – база. Околу една година сега со нас е Мишко, како тапанар. Од тогаш фукционираме во овој состав.

Инпрес: Колку и на кој начин различностите кај сите вас, како карактери, па и оние мали финеси во слушањето на слична музика, ве претставуваат во онаа улога во која сте?

Јосифоски: Не колку, туку навистина многу, тие различности се добри, за да фукционираме на овој начин. Сите различности кога ќе се спојат создаваат нешто поинтересно.

Инпрес: Дали има доволно простор градов, па и соседна Струга за глобално земено рок свирки?

Силјаноски: Има, за простор има, но просторот е, благо кажано „узурпиран“ од турбо фолк. Мислам дека на никој не му одговара тоа.

Инпрес: Би сакале ли поединечно да издвоите музичар, бенд, артист или вид на музика, која моментално ви претставува најголемо уживање?

Јосифоски: Јас како човек што слуша „најлоша“ музика, меѓу членовиве во бендот, последно најмногу ги слушам Balkan Beat Box, тоа е еден израелски бенд, кој свири мешавина од ска, реге, џез, на основа на балкански ритми и варијации.

Бочвароски: Бидејќи сум гитарист, во последно време слушам Стив Ваи. Тој е феноменален гитарист, го доживувам како вонземјанин. Ако некој комуницира со вселената на накој начин, според мене – тоа е тој. Инаку сакам се’ што е рок, хеви-метал, хард-рок.

Симиџиоски: Јас сум „заглавен“ во гранџ музиката последниве 15 години.

Силјаноски: Мене ова прашање ми е најтешко на светот. Слушам и Павароти, па и Бијонсе, ако има нешто добро, на пример. Инаку, моментално, Slipknot, новиот албум го „исцедувам“ и го очекувам новиот албум на Faith No More. Тоа би требало да е добро.

Инпрес: Полемиките околу развојот на охридската и струшката сцена се омилени кај сите кои се занимаваат со различни видови уметност, па и музика. Според вас, каква паралела можете да направите моментално на струшката и охридската сцена?

Јосифоски: Лично мислам дека струшката сцена е многу посилна и поорганизирана за разлика од Охрид. Во Охрид, обично сите се ориентирани на тезгарење, во Струга се поорганизирани и за перформанси, и има подобра публика. Јас не знам во Охрид во последните години да се случило нешто. Има по некој настан, уметнички, културен, но нема публика. Ние сме дежурни „мрчатори“, за се’ сакаат да коментираат охриѓани. Никој не гледа да најде решение на проблемот, туку само да критикува.

Силјаноски: Ако веќе се прави споредба, во Ресен е поинтересно, отколку во Охрид.

Бочвароски: И јас се согласувам дека во Струга е подобро во однос на се’.

Симиџиоски: Не станува збор, секаде има повеќе организираност, не само во Струга, туку и Ресен, како што спомнавме, за Битола, веќе се знае дека е далеку подобро од Охрид.

Инпрес: Како ги одбирате темите на репертоарот? Што е она што навистина со задоволство го интерпретирате?

Симиџиоски: Секоја песна си има своја убавина и вредност.

Силјаноски: Секоја песна ја свириме со задоволство. Обично не правиме ќејф на посетителите, да свириме нешто што не е во согласност со нашиот стил.

Јосифоски: Прес се’ од љубов го правиме ова, затоа што од музиката не се егзистира.

bettysboobsproba

Инпрес: Според вас, која друга уметност ја сметате за најблиска со музиката? А на кој начин замислувате како би се вклопила рок музиката во некој мултимедијален настан?

Силјаноски: Секоја уметност. Уметноста има една цел, позитивна енергија и да видиме до каде може да одиме со мозокот.

Јосифоски: Јас мислам уметноста е блиска до сите други уметности. Таа е главна инспирација и за сликање, вајасртво, пишување или друго.

Бочвароски: Би можело рок музиката да се вклопи во некоја изложба, зависи од концептот, но ако се осмисли, може.

Силјаноски: Кај нас погрешно се поставени некои работи. Добра музика може да се користи во секој таков настан, од типот на шоу, спортски натпревари. Само кај нас им е полесно да пуштат едно цеде на таков настан. А во светот, се знае, на главни настани, свири бенд во позадина.

Инпрес: Кој период од музика го гледате баш како „ренесанса“?

Силјаноски: 90-те. Се’ што се има случено, од музика, филм, стари, нови бендови, албуми, имиџ, се’ се случило во 90-те.

Јосифоски: Јас би се вратил во 20-те години, во периодот кога имало стил, животен стил. И крајот на 70-те беше инспиративен период.

Бочвароски: Добро, секоја декада има своја музика. Во зависнот од расположение, би се вратил и во 70-ти и 80-ти.

Симиџиоски: Тоа е поврзано со она дека музиката е начин на живеење.

Силјаноски: Јас сепак мислам дека оној „бум“ се случил во 90-те. Во тој период почнаа луѓето да си градат стил, некој е металец, некој панкер….

Инпрес: Најпозитивните и најфрустрирачките работи во она што го работите?

Симиџиоски: Најфрустрирачко е тоа што нема добар бизнис план, нема разработена шема кај сопствениците на локалите. Свирките, реално не се ценат и не се платени, како што треба, како што заслужува музиката. Има и многу музичари, кои свират еден или двајца, па со тоа се руши цената која треба да се плати за бенд. Не може така да се оценуваат работите. Повеќе пати кажавме дека не може да се живее од музика, ама така е. Друга работа, овде во Охрид, и да има бенд, и да има нешто добро, тука нема забава. Сите градови каде свириме, има поголема забава, луѓето се забавуваат.

Силјаноски: Сите сопственици на локали си прават свој план. Се плаќа. Но не доволно. Инаку се’ друго е супер.

Јосифоски: Тоа е проблем во се’, не само во музиката.

bettysboobssvirka1

Инпрес: Вашата комуникација со музичкиот инструмент кој го свирите?

Јосифоски: Тешко е да се опише, посебно во мојот случај, ако се свири на два инструменти. Јас свирам клавијатури и хармоника. Голема е љубовта кон инструментот, како кон дете свое. До пред некое време ми беше преокупација да собирам музички инструменти. Мислам дека јас имам улога, не носечка, но имам влијание на она што произлегува од музиката.

Симиџиоски: Имам колекција од четири бас гитари и една акустична. Љубовта кон музиката не се искажува со зборови, исто и со музичките инструменти, со кои се прави музиката.

Бочвароски: Јас свирам гитара. Сега една компарација 🙂 Се чувствувам како да имам девојка, а се стремам да имам поубава 🙂 Не сум задоволен од моменталната марка на гитара која ја поседувам. Со обемот на работа не може да се инвестира за да си дозволиме поскапи музички инструменти. Но во принцип музичкиот инструмент не е пресуден за да се искаже музичарот.

Силјаноски: Јас ќе кажам вака – се имам откажано од се’ во животот, само за да свирам. (Крај)

извор: Инпрес фото: Инпрес