Пораст на бројот на интервенции и недоволна екипираност во охридската Брза помош

Охрид, 2. јули 2019 (ИНПРЕС) – Охридската итна медицинска помош сé потешко излегува на крај со зголемениот број повици и недоволната екипираност.

Докторите велат периодов со зголемување на бројот на луѓе во градот и порастот на температурата на воздухот, има пораст во бројот на интервенции, но и прегледи во амбулантата, а очекуваат фрекфенцијата да се зголеми.

– Најчесто пациентите се жалат на гастроинтестинални и кардиоваскуларни тегоби, имаме и интервенции кај повредени во сообраќајни незгоди. Овој летен период зголемен е и бројот на прегледи во амбулантата. Апелираме особено до хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија од матичните лекари, вели за Супер радио и OhridPress д-р Љупка Николовска.

Проблем со кој се соочуваат веќе подолг период наназад е недостигот на доктори, медицински сестри и амбулантни возила. Од Службата за итна медицинска помош велат екипираноста е слаба, но и со тој кадар со кој располагаат вложуваат максимални напори да излезат во пресрет и навремено да интервенираат. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива