Промоција на песнарка и Jam Session во чест на охридскиот музичар Андреј Лаброски

Охрид, 10. јули 2019 (ИНПРЕС) – Во вторник, 16-ти јули ќе биде промовирана песнарката „Охридски музички бисерник“, а ќе се одржи и Jam Session, во чест на младиот охридски музичар Андреј Лаброски.

Настанот е дел од алтернативното културно лето во Охрид, „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Песнарката ги содржи мелографирани сите песни снимени од нашите претходници, односно ансамблот „Билјана“ под раководство на Кузман Поп Стефанија, изјави за Супер радио и OhridPress, Јован Поп Стефанија од ансамбл „Билјана“.

– Песнарката содржи 66 композиции, од кои 62 песни и 4 ора. Андреј Лаброски овој проект го започна во 2016 година, но за жал не доживеа да го промовира, па затоа тоа го правиме сега во негова чест. Промотор на оваа песнарка е хроничарот на градот и новинар Владо Жура, рече Поп Стефанија.

Промоцијата ќе се одржи во Кадмо бар со почеток во 20:00 часот, а од 21:00 часот ќе се одржи Jam Session на кој ќе настапат локални музичари.

– Датумот е одбран 16-ти, тоа е денот на роденденот на Андреј. Втора година го правиме овој настан. Лани поминавме одлично, годинава многу поорганзирани. Ќе настапат локални музичари кои свират и забавна и народна музика, а тука ќе бидат и сите познаници на Андреј, додаде Христијан Томески од „Билјана“.

Песнарката „Охридски музички бисерник“ ќе се продава по цена од 400 денари, а дел од средствата од продажбата ќе бидат наменети за помош за лекувањето на младиот музичар од Струга, Мартин Стојаноски. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес