Охридски компании во финалната селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновации на ФИТР

Скопје/Охрид, 22. јули 2019 (ИНПРЕС) – Охридски компании се меѓу 368-те домашни фирми кои продолжуваат во процесот на финална селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновации на ФИТР.

Проектите на овие компании, кои ја поминаа фазата на претселекција, сега ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти кое ќе ја донесе финалната одлука на кои предлог проекти ќе им биде одобрена финансиска поддршка.

Од овие 368 компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни. Повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои се Охрид, Вевчани, Гостивар, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово и Крива Паланка.

Најголем дел од нив се од IT индустријата, по што следат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожна индустрија, земјоделието, а има и предлог проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е нешто над 87 милиони евра, од кои 67% или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33% или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е 5 милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати. (Крај)

извор: biznisvesti.mk фото: архива