Охриѓанката Мартина Блажеска дел од рекламната кампања за познатите Ibanez гитари

Охрид, 23. јули 2019 (ИНПРЕС) – Мулти талентираната Мартина Блажеска од Охрид, чија прва љубов е гитарата, но освојува и со нејзиниот вокал, откако минатата година дипломираше на престижниот музички колеџ Беркли во Бостон, е дел од последната рекламна кампања на познатите Ibanez гитари.

Станува збор за The Artwood Vintage серијата на гитари кои се изработуваат според Thermo-Aging процедурата. Посебниот начин на сушење на дрвото, прави тоа да биде лесно, тврдо и дава одличен звук на овие гитари.

Нашата Мартина се покажа како еден од најдобрите студенти на Беркли, а со тоа доби и низа настапи низ Америка, кои навистина и помогнаа во патот кон светска слава. Неодамна таа го издаде и деби албумот, кој има пет композиции, а на сите како автор се јавува самата Мартина. Во изминатиот период, младата пејачка и гитаристка имаше соработка со многу светски музичари, од кои секако има што да се научи.

Мартина важи за вистински виртоуз на гитара, а пред да дипломира, од колеџот беше избрана да свири на завршниот концерт на Беркли. Охриѓанката настапи заедно со ќерката на легендарниот Џони Кеш, а имаше шанса да свири и со Нил Роџерс и Есперанда Спалдинг, кои се нејзини големи идоли.

Повеќе за Мартина од нејзиното интервју за Супер радио и OhridPress. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Мартина Блажеска