Македонија и Бугарија го потпишаа протоколот за соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе

Охрид, 23. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Борбата против организираниот криминал не познава граници, што не упатува на заедничка акција.

– Мигрантската криза со која се соочија нашите држави во изминатите години го зголеми ризикот од трговија со луѓе, при што согледавме дека се потребни дополнителни напори преку креирање на зајакнат билатерален и регионален пристап. Свесни сме дека единствено преку градење и имплементација на заеднички иницијативи ќе се создадат цврсти темели за добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување и доверба, рече министерот Оливер Спасовски по денешното потпишување на протоколот за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе со Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за одбрана на Република Бугарија Красимир Каракачанов во Охрид.

Image may contain: 16 people, people smiling, people standing, shoes, tree and outdoor

Протоколот за соработка помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија во областа на борбата против трговијата со луѓе отвара нови можности за продлабочување на соработката во однос на превенцијата, идентификацијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.

– Со потпишување на протоколот јасно ја изразивме нашата подготвеност за интензивирање на размената на информациите во однос на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе, како и за спроведување на заеднички активности за идентификација на новите трендови за трговија со луѓе и креирање на погодни механизми за соодветен одговор. Исто така, со овој протокол се отвараат можности за спроведувањето заеднички јавни кампањи за подигнување на свеста на јавноста за превенција на трговијата со луѓе, како и спроведување на заеднички проекти, обуки и размена на искуства со цел јакнење на капацитетите за борба против трговија со луѓе, рече Спасовски.

Image may contain: 10 people, people sitting, table and indoor

Покрај засилената регионална соработка, Република Северна Македонија настојува во континуитет да ги зајакнува и своите национални капацитети за борба против трговија со луѓе.

– Под раководство на јавните обвинители и со активно партиципирање на околу 50-тина полициски службеници, пред само една година воспоставиме Task Force за криумчарење мигранти и трговија со луѓе и од оваа перспектива можам да изразам задоволство што приоритетите се реализираат и во пракса даваат резултати, рече Спасовски.

Image may contain: 2 people, people smiling, people standing, suit and outdoor

Вицепремиерот Каракачанов потенцира дека и потпишувањето на протоколот е уште еден показател за добрососедските односи и истакна дека очекува наскоро добри вести за Република Северна Македонија односно започнување на преговорите со Европската унија.

– Република Северна Македонија има пријател и поддржувач во Република Бугарија, рече Каракачанов.

Спасовски и Каракачанов ја потенцираа одличната соработка меѓу двете држави, која ќе продолжи и во наредниот период. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива