Интернационалниот младински оркестар Bisyoc ќе одржи концерти во Охрид и Струга

Охрид, 29. јули 2019 (ИНПРЕС) – Интернационалниот младински оркестар Bisyoc, кој за првпат престојува во Македонија, ќе одржи низа концерти почнувајќи од вторник 30-ти јули, па се’ до недела, 4-ти август 2019 година.

Овој оркестар, како што стои во нивната биографија, промовира највисок степен на културна и социјална интеракција помеѓу младите луѓе од различни земји – преку создавање квалитетна музика заедно. Нивните почетоци датираат уште од 2001 година, кога диригентот Џулијан Гибонс, го формира оркестарот во Бедстоун, Велика Британија, како еден музички летен камп. Неговата цел била да ги собере младите луѓе со различни музички цели и способности и да им даде шанса да искусат изведба во голем симфониски оркестар. Оваа идеја била одлично прифатена од младите, така што прераснува во една традиција долга 18 години, кадешто млади ширум целиот свет, доаѓаат да ги споделат и разменат искуствата со други млади, заеднички свирејќи во овој симфониски оркестар. Оркестарот гостувал во повеќе држави, како Австрија, Шпанија, Германија, Малта и Норвешка, а оваа година, тие гостуваат во нашата држава, со преку 80 млади кои доаѓаат од Германија, Франција, Велика Британија, Норвешка, Нов Зеланд, Русија, Канада итн, но и со неколку изведувачи од Македонија.

Во вторник, среда и четврток, тие ќе одржат мини-концерти на отворено кај Споменикот на Револуцијата во Струга, како промоција на нивниот голем симфониски концерт, кој ќе се одржи во петок, на 2-ри август во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Во сабота, на 3-ти август, ќе одржат концерт на отворено во Охрид, на просторот помеѓу ТЦ „Амам“ и „Жито Леб“, а наредниот ден, во недела, ќе има реприза на големиот концерт повторно во Центарот за култура во Струга.

Организатор на концертите на отворено е Здружението за развој на културно – уметнички вредности „Тактус“ од Охрид, од каде информираат дека влезот за сите концерти е слободен. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива