Спасовски: Усеини се однесува неодговорно, насилнички

Скопје, 31. јули 2019 (ИНПРЕС) – Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, потврди дека Нефи Усеини, советникот во општина Охрид од редовите на ДУИ, се однесува насилнички и дека добил пријава по последниот инцидент кога физички нападна претседател на куќен совет.

– Тоа е состојба на човек кој се однесува крајно неодговорно, насилнички. Тој е повикан во полициска станица, земени се изјави, а се земаат изјави и од други сведоци очевидци на целиот настан и сите елементи што ќе бидат исполнети за кривично дело ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, рече Спасовски денеска по посетата на полициската станица Карпош во Скопје, јави порталот фактор.мк.

Бизнисменот и сопственик на контроверзно изградениот објект со пица-бар во Охрид пред два дена физички го нападна Иљаз Иљази и му се заканил со убиство затоа што утврдил дека некој на диво се приклучил на водоводното снабдување.

– Ако некогаш борбата беше во државата за слободен демократски свет и развој, сега е моментот да се бориме сите заедно чесни, одговорни правдољубиви луѓе против криминалците, арамиите и бандитите во државата. Останувам на тој став и ги повикувам сите граѓани заедно да се избориме затоа што ова е битката што не смееме да ја изгубиме, дополни Спасовски.

Image may contain: 3 people

Претходно денес, со соопштение се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ од каде напоменуваат дека со своето дивеење Усеини го загрозува и статусот на Охрид како град заштитен од УНЕСКО, поради фактот што самиот тој поседува две дивоградби, една која се наоѓа на охридското крајбрежје и една во централното заштитено градско подрајче.

– Усеини е симбол за владеењето на Зоран Заев. Тој е пример за башибозукот, анархијата и дивеењето на локалните шерифи на власта за кои не важат законите, правото и правдата. За да се стави крај на шерифите, мора да се стави крај на владеењето на Зоран Заев. За да се врати правдата во Македонија и да одговораат сите оние кои се огрешиле пред законот, Заев мора да ја заврши својата тажна политичка кариера, се вели во дописот до медиумите од ВМРО-ДПМНЕ. (Крај)

извор: фактор.мк фото: архива