Вечерва стартува 26-то издание на фестивалот „Охрид Фест – Охридски трубадури“

Охрид, 5. сепември 2019 (ИНПРЕС) – Со фолк вечерта и настап на реномирани изведувачи на новокомпонирана народна музика вечерва во Охрид започнува годинешното, 26-то по ред издание на Меѓународниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.

Во официјалниот дел од програма вечерва на сцената поставена на Кеј „Македонија“ ќе настапат 18 познати домашни интерпретатори на народни песни, додека за неофицијалниот дел од фолк-вечерта ќе се погрижи Благоја Грујовски, кој ќе го промовира неговото најново ЦД.

Фестивалската сцена утре е резервирана за поп-изведувачите, а ова фестивалско издание со посебно внимание кон пејачите од помладата генерација. Најдобрите од нив ќе настапат и на најатрактивната интернационална вечер на Фестивалот.

Оваа година на интернационалната вечер ќе настапат познати пејачи од регионот и од Европа, меѓу кои дуетот Маја Оџаклиевска – Срѓан Марјановиќ, Марко Кон, Рената Мохорич, Горан Шарац, Лорена, Теди Грубица, Клаудија, Авењу, Дуото Заки, Славен Кнезовиќ, Анѓелко Ано Ѓурашевиќ, Аида Дочи, Толис Дамјанос, Слим Принс, како и шведскиот рок пејач Џим Џидхед.

Фестивалот ќе биде директно пренесуван преку МРТ како и австралиската сателитска телевизија „ИН“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива