Распишан ликовен и литературен конкурс „Есенските градини со златни бои грст плодови ставаат во дланките твои“

Охрид, 5. септември 2019 (ИНПРЕС) – Општина Охрид објави ликовен и литературен конкурс во соработка со охридските основни училишта на тема „Есенските градини со златни бои грст плодови ставаат во дланките твои“.

– Човештвото се соочува со намалување на зелените површини,а целта на овој проект е унапредување на просторот со зеленило и цветни површини со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина. Секоја индивидуа со доволна волја без оглед на возраста може да даде свој придонес во зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Од најмали нозе треба да се едуцираме како да штедиме енергија, да ги зачуваме воздухот и водата чисти и да ги штедиме нашите природни ресурси. Затоа секој во својата најблиска околина може да создаде убаво катче исчистено од смет и уредено со зеленило и цвеќиња со што ќе го оплемени просторот, а природата самата во различните годишни времиња ќе создаде прекрасен амбиент, стои во конкурсот.

Еко проектот е во соработка со охридските основни училишта со што ќе се одбележи почетокот на есента 23-ти септември.

Право на учество имаат учениците на возраст од 6 до 14 години. Вкупниот буџет за реализација на проектот ќе изнесува 30.000 денари. Прво наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 7.000 денари еднократно, второ наградените добиваат по 5.000 и трето наградените по 3.000 денари.

Деталите за конкурсот прочитајте ги ОВДЕ. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива