Вечерва јубилеен концерт по повод 10 години постоење на Ансамбл Билјана

Охрид, 6. септември 2019 (ИНПРЕС) – Во предворјето на црквата „Св. Софија“вечерва ќе се одржи јубилеен концерт по повод 10 години од формирањето на подмладокот на Ансамблот Билјана.

– Оваа година концертот ќе биде во духот на Охридската Визита еден настан од секојдневниот живот во Охрид кој ние ќе се потрудиме да го пренесеме преку песна на сите присутни гости. Концертот е седми по ред, традиционален, а  годинава ансамблот Билјана одбележува 10 години од своето постоење и негување на охридската и македонската староградска песна. Годинава заедно со сите наши пријатели сакаме да го одбележиме овој мал јубилеј и од срце им благодариме на сите наши колеги со кои сме соработувале досега. На концертот заедно со нас ќе настапат и нашите пријатели: Горан Папаз, Емилија Колоска, група Камелеон и нашата долгогодишна соработничка и вокал на Ансамблот за народи песни и игри “Танец“, Мартина Костова, информираат организаторите.

No photo description available.

Концертот го посветуваат на Андерј Лаброски, нивниот другар и колега кој прерано не напушти. Во јули годинава постхумно излезе песнарката „Охридски музички бисерник’’ која публиката ќе може да ја купи на самиот концерт по цена од 400 денари, дел од средствата одат во хуманитарни цели.

Стартот на концертот е во 20:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

Оригиналната постава на ансамблот „Билјана“ престана да работи во 2002 година, но желбата да се остави нешто зад себе на музички план е желба на секој музичар, па така во 2009 година Кузман Поп-Стефанија, заедно со својот внук Јован го формираат подмадокот на „Билјана“ кој активно работи, како на полето на староградската охридска, македонската народна и музиката од целиот Балкан. Групата работи под негово менторство се` до неговата смрт во 2013 година. Покрај сегашните членови членувале и Ангел Дулевски, Петар Паскали, Стефан Здравевски и Виктор Јолаковски. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива