Од предметите на СЈО, Јовески прво ќе ги распределува оние за кои течат судењата

Скопје, 13. септември 2019 (ИНПРЕС) – Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и комисија од обвинителството од утрово под безбедносни мерки ги преземаат предметите на СЈО.

Станува збор за сите случаи, истраги, предистраги и предмети за кои судењата се во тек. Преземањето треба да заврши до крајот на денот, а потоа ќе следува попис на списите да се види дали одговараат со содржината на предметите. Откако ќе заврши пописот, предметите ќе се распоредуваат во надлежно обвинителство и ќе се определува обвинител.

Јовески најави ека предметите нема да се стопираат, туку ќе се процесуираат.

– Ние во процесот на определување на надлежноста на обвинителството и обвинителот ќе им дадеме приоритет на предметите по кои се водат рочишта. Јас очекувам дека Собранието час поскоро ќе го донесе законот за јавно обвинителство во кое ќе се решат не само овие прашања туку и прашања кои досега создаваа проблем на работата на јавното обвинителство. Мислам дека во овој период ние можеме врз основа на постојните прописи ние да работиме и нас постојните прописи не нѐ оневозможуваат да постапуваме – изјави Јовески.

До определувањето на обвинител, предметите и сите материјали со кои располага СЈО ќе останат да се чуваат таму според досегашните процедури.

Засега нема решение што, по распределбата на предметите ќе се случува со обвинителите и вработените во СЈО. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива