Тајните на „Област 51“ останаа безбедни

Рејчел, 23. септември 2019 (ИНПРЕС) – Гратчето Рејчел во американската сојузна држава Невада се подготвуваше за инвазија од 30 илјади луѓе при планираниот упад во „Областа 51“, но бројот на учесници во долгоочекуваниот настан изнесуваше три илјади, што им овозможи и на властите да го повлечат обезбедувањето предвидено за справување со трагачите со вонземјани, пишуваат американските медиуми.

– Очекувавме 30 илјади луѓе и се подготвувавме за околностите. Се под таа бројка беше неприфатливо – соопштија надлежните служби во Рејчел.

Медиумите известија дека имало неколку апсења, но оти полицијата не се соочила со посериозни проблеми.

Не се појавија вонземјани, ниту неиндентификувани летечки објекти на небото, но на луѓето што учествуваа на настанот, самото доаѓање во областа беше доволно. Слабата посетеност, пак, го откажа планираниот музички фестивал наречен „Ејлиенсток“. Неуспешниот упад беше предмет на бројни шеги кои се проширија на Интернет.

– Педесет години подоцна, ќе можеме да кажеме дека бевме тука – кажа една од учесниците на настанот наречен „Упаднете во ’Област 51’, не можат да не запрат сите“, кој ги повика трагачите по вонземјани да се соберат во што поголем број, со цел да влезат во воената база во пустината Невада која е предмет на бројни теории на заговор.

Организаторот на настанот Мети Робертс истакна дека ја покренал идејата за упад во „Област 51“ бидејќи му било здодевно и оти не очекувал дека неговата шега ќе добие толку внимание, откако повеќе од два милиони луѓе се пријавија за учество, преку Фејсбук.

Љубителите на теориите на заговор веруваат дека американската влада крие тајни информации за вонземјани и за Неидентификувани летечки објекти (НЛО) во „Област 51“, односно веруваат дека базата се користи за чување на заробени НЛО или останки од вонземјани. Но, американските власти категорично ги отфрлаат ваквите тврдења.

Точната примена на американската база изградена во 1955 година, не е позната, а таа е признаена како воена база во 2013 година. Објектот е обезбедуван од вооружена стража, како и од камери за надгледување на просторот. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива