Missing image

Тодороска: Зголемен е интересот и се повеќе се цени рачно изработениот накит

Охрид, 26. септември 2019 (ИНПРЕС) – Билјана Тодороска изработува накит и модни додатоци во техниката позната како сутаж, техника на спојување на конци, со помош на шиење, при што се вментуваат камчиња, разни монистри, бисерчиња и други материјали.

Трпеливо и успешно го гради својот занает цела декада, а зад неа се неколку самостојни и групни изложби. Накитот изгледа едноставно, симетрично, но самиот процес на изработка е макотрпен.

– Навидум изгледа едноставно, но бара огромен труд и посветеност. Во зависност од тоа како тече изработката, за една огрлица потребни ми се најмалку 15-тина часови активна работа, рече Билјана која беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

За самата техника, за вреднувањето на рачните изработки, историјата на сутаж техниката и многу други теми повеќе од интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Каква техника за рачна изработка на накит е сутаж техниката и од каде потекнува?

Тодороска: Сутажот е техника на спојување на конци, со помош на шиење, при што се вментуваат камчиња, разни монистри, бисерчиња и други материјали. Ова е доста стара техника, која се користела во Русија, на пример користена е и како детал на униформите на војниците, со нашивање на делови од сутаж, се распознавале и нивните чинови.

Супер радио: Кога за прв пат се сретнавте со неа и како ја совладавте?

Тодороска: За прв пат со сутаж техника се сретнав пред 6 години. Бидејќи накит изработувам веќе 10-тина години, кога пребарував на интернет видео материјали околу изработката, наидов и на сутажот како техника. Се заинтересирав и постепено почнав да ја совладувам преку интернет.

Супер радио: Изработката на накит е Ваше хоби или професија?

Тодороска: Да, за мене сето тоа отпочна како хоби. Но, ако постепено се внесува многу труд, трпение, внимание и љубов, се разбира дека може да премине и во професија, како што беше случајот и со мене.

Супер радио: Потребните материјали се наоѓаат кај нас во Македонија?

Тодороска: Да, материјалите се наоѓаат и кај нас, но неретко знам да нарачам нешто што ми недостасува и од странство.

Супер радио: Накитот изгледа едноставно, симетрично, но процесот на изработката не е толку едноставен. Колку време просечно е потребно за изработка на една огрлица?

Тодороска: Навидум изгледа едноставно, но вистината е дека бара огромен труд и посветеност. Во зависност од тоа како тече изработката, за една огрлица потребни ми се најмалку 15-тина часови активна работа.

Супер радио: Зад вас се и две работилници, преку кои на заинтересираните им ги откривате тајните на занаетот. Во што се состојат работилниците, каде се одржуваат, има ли интерес?

Тодороска: Во соработка со Институтот Креативна Македонија, во Скопје одржав две креативни работилници за изучување на сутаж техниката. Работилниците се еднодневни, а преку нив учесниците се запознаваат со самата техника и потребните материјали, а на крај ќе научат и самите да си направат парче накит.

Супер радио: Што те понесува во креацијата, што те инспирира околу изборот на формите, боите, материјалите на крајната замисла?

Тодороска: Силна инспирација ми е македонската традиција и култура, на пример дезенот на народните носии. Но многу често се случува инспирација да ја најдам во секојдневието, во модните трендови и сето она што ме опкружува.

Супер радио: Каков е Вашиот впечаток од 10 годишното искуство во изработка на накит. Дали денес или порано повеќе се ценеа рачните, уникатни изработки?

Тодороска: Она што го забележувам е дека со текот на годините се’ повеќе се цени рачната изработка и зголемен е интересот за нив.

Супер радио: Кај нас во Охрид и Струга како да недостасуваат културни настани, фестивали или базари на кои се изложуваат рачните изработки. Вашите креации биле дел од многу такви уметнички фестивали во државава, но сте изложувале и самостојно. Колку се колекции имате до сега направено-изложено?

Тодороска: Учествувам на сите настани во Охрид и Струга, иако најголемиот дел од ваквите настани се сконцентрирани во Скопје. До сега имам организирано две самостојни изложби, една во Охрид и една во Струга. Во Охрид недостигаат културните настани и базари, кога ги има застепени се само во летниот период, но убаво би било да ги има во текот на целата година.

Супер радио: Вашите идни планови?

Тодороска: Планирам да направам креативни работилници за странци, каде самите учесници, како спомен од тука сами ќе си изработат парче накит. Во план ми е третата самостојна избложба, која ја планирам за на пролет, најверојатно во Скопје.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес