Министерот Адеми и градоначалникот Георгиевски на средби со УНЕСКО

Париз/Охрид, 1. октомври 2019 (ИНПРЕС) – Министерот Едмонд Адеми, во својство на претседател на Националната Комисија за УНЕСКО, заедно со градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиевски, вчера, 30-ти септември во Париз, Франција, оствари работни средби со УНЕСКО за прогресот во зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

На средбите со директорката на Центарот за културно наследство, Метчилд Рослер, и со неколку амбасадори на земји-членки на Комитетот за светско наследство беше презентиран и поздравен напредокот остварен по одлуката во Баку во јули.

Во август, во координација помеѓу централната и локалната власт, во Охрид и Струга се донесоа одлуки за мораториум на градба и легализација на бесправно изградени објекти. Планот за управување со наследството е финализиран. Истиот наскоро ќе биде отворен за јавна дебата, а ќе биде испратен на увид и до УНЕСКО.

Дека Владата е целосно посветена на исполнување на препораките, говори и фактот што Владата во ребалансот на буџетот одвои 50 милиони за санација на колекторскиот систем, со план за дополнителни средства за 2020.

Во делот на соработката со Албанија, како една од препораките, неодамна на средбите во Тирана беше дефинирано и формирање на заедничка комисија за управување со Охридскиот регион.

До испораката на прогрес извештајот во февруари 2020, УНЕСКО очекува значаен прогрес во исполнување на препораките. Северна Македонија останува посветена за зачувување на статусот на Светско наследство за Охридскиот регион, и подобрување на квалитетот на живот и економскиот раст за жителите на регионот, како и за сите граѓани на нашата земја. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива