Димитров: Ако нема датум, Европа ќе прати порака дека не е сериозен партнер

Скопје, 7. октомври 2019 (ИНПРЕС) – Пораката што наредната недела ЕУ ќе ја испрати до Македонија е порака и за регионот.

Доколку сѐ она што го направи земјава од решавањето на прашањата со соседите, реформите и целокупната позитивна промена во општеството, не биде препознаено и наградено со позитивна одлука за почеток на преговорите со Унијата, Европа ќе испрати порака дека не е сериозен партнер, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Говорејќи на панел дебата насловена „Договорот од Преспа – научените лекции за време на дипломатските преговори и меѓународната перспектива“ што се одржа во МНР, тој потсети дека земјава 14 години е кандидат за членство во ЕУ и има десет позитивни препораки дека е подготвена за почеток на преговорите и за влез во следната фаза.

– Одлуката на Советот на министри на 15 октомври, а Европскиот совет на 17-18 октомври е наше рандеву со историјата. Ќе биде многу тешко да им кажеме на граѓаните – „ние не успеавме овој пат, ќе успееме 11-тиот пат“ – истакна Димитров.

Покажавме, рече тој, храброст и европски дух во решавањето на домашните прашања, работиме на европската агенда, направивме огромни скокови напред во изминатите неколку години на полето на слобода на медиумите, независноста на судството, јавната администрација…

Според него, влогот е голем и за регионот и за ЕУ, сигналот за нас е и сигнал и за целиот регионот. Позитивна одлука, рече тој, може да биде вин-вин за нас, за регионот и за Европската Унија.

Тој истакна дека Договорот од Преспа е еден по показателите за позитивните промени во општеството, желбата да се продолжи на патот на евроатланските интеграции и да се овозможи посигурна иднина за граѓаните.

Целиот текст прочитајте го ОВДЕ. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива