АД „Макотекс“ го продаде хотелот во „Лагадин“ за 609.000 евра

Охрид, 8. октомври 2019 (ИНПРЕС) – Акционерското друштво „Макотекс“ на официјалната страна на Македонска берза објави дека е извршена продажба на хотелот кој се наоѓа во населбата „Лагадин“, а новиот сопственик е „Монтенегрин-Инн“ од Охрид.

Како што стои во соопштението на друштвото, ова е во согласност со глава VI од Правилата за котација, при што известуваат дека е извршена продажба/отуѓување на недвижен имот во сопственост на друштвото (објект и земјиште), кој се наоѓа во населба „Лагадин“, имотен лист бр.293 за КО Елшани, на купувачот Трговското друштво за поредување, трговија и услуги „Монтенегрин-Инн“ увоз-извоз ДООЕЛ Охрид, јави Слободен Печат.

Според договорот, купопродажната цена изнесува 609.000 евра, во денарска противвредност според средниот курс на НБРМ на денот на плаќањето, со вклучен данок на додадена вредност, при што данокот на промет со недвижности го плаќа купувачот.

Сметководствената вредност на недвижниот имот на ден 31.12.2018 година (период на последни ревидирани финансиски извештаи), претставува 12,2261% од вкупните средства (книговодствената вредност на имотот) на друштвото. (Крај)

извор: Слободен Печат фото: Слободен Печат