Секој осми Македонец не би простил прељуба во брак

Скопје, 16. октомври 2019 (ИНПРЕС) – Секој осми млад човек во Македонија не би простил прељуба во бракот, речиси за секој шести се прифатливи предбрачни сексуални односи, додека една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.

Ова се дел од резултатите на најновото истражувањето за перцепцијата на младите во земјава во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија, вклучително и кога станува збор за помладите генерации. Значаен дел од младите од двете главни вероисповести, релативно често ги посетуваат верските храмови, како еден од сегментите на практикување на религијата.

На прашањето дали за себе можат да кажат дека се религиозни 47 отсто од младите одговориле потврдно, 36 проценти изјавиле дека се донекаде религиозни, како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 17 проценти од испитаниците.

Во однос на перцепцијата за одржување на геј паради мислењата се исклучително конзервативни, според резултатите на ова истражување, со оглед дека само 10 отсто и дополнителни 12 отсто изјавиле дека за нив тоа е прифатливо, односно донекаде прифатливо.

Од друга страна, заеднички живот без стапување во брак како еден од современите трендови во општеството е прифатлив за 57 отсто, односно донекаде прифатлив за дополнителни 14 отсто.

Четириесет и девет отсто од испитаниците одговориле дека планираат да стапат во брак и дополнителни 38 отсто веќе се во брак, а само седум отсто изјавиле дека не планираат да основаат брачна заедница.

За 67 отсто од испитаниците прељубата може да биде оправдана причина за развод на брак. Во уште повисок процент, односно 76 отсто од вкупниот број испитаници, се на став дека физичкото насилство е оправдана причина за развод и високи 65 отсто исто така се согласуваат дека пороци и зависности од страна на партнерот можат да бидат причина за развод. Високи 78 отсто го истакнале и психичкото насилство како причина за развод на бракот што претставува и највисок процент во однос на сите други одговори, слично како и физичкото насилство.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Вечер фото: архива