Почина Георги Боев, првиот и единствен министер за спорт на Македонија

Охрид, 29. октомври 2019 (ИНПРЕС) – На 84-годишна возраст почина првиот и единствен министер за спорт во Република Македонија, Георги Боев.

Тој беше дел од владиниот кабинет на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски формиран во 1998 година. Боев беше член на ВМРО ДПМНЕ. Георги беше редовен професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје на катедрата по гимнастика.

Роден е на 18-ти јуни 1935 година во Охрид. Во 1961 година дипломирал на Вишата школа за физичко образование во Белград. Во 1981 година магистрирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Скопје. Таму докторирал во 1990 година. Во периодот 1962-1965 година работел во средно училиште за физичка култура, а помеѓу 1965 и 1978 година – во Вишото училиште за физичка култура. Од 1978 до 1999 година бил редовен професор на Факултетот за физичко образование и декан од 1997 до 1999 година. Меѓу 1999 и 2001 година бил министер за млади и спорт.

Погребот ќе се изврши утре, 30-ти октомври, во 11:00 часот на Градските гробишта во Охрид. (Крај)

извор: Република фото: архива