ВМРО-ДПМНЕ: Советникот Сашо Ставрески е член на Советот на општината и в.д. директор на ОУ „Григор Прличев“

Охрид, 31. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Власта на СДСМ предвoдена од градоначалникот Константин Георгиески е синоним за криминал и корупција, истакна на денешната прес-конференција на Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– За функционерите на СДСМ не важи законот. Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапи по доставената претставка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за судир на интереси со барање Комисијата навремено да реагира во однос на случајот со советникот Сашо Ставрески поради извршување на две функции истовремено. Антикорупциската комисија треба веднаш да констатира состојба на судир на интереси кај советникот Ставрески бидејќи е член на Советот на општина Охрид и истовремено врши функција в.д. директор на ОУ „Григор Прличев“. Законот за спречување на корупција и судирот на интереси е јасен и дециден во член 44 став 2 за неспоивост на функции и дека во тој случај се губи статусот на член на советот. Зошто ваквата ситуација не е констатирана од претседателот на Советот на општина Охрид?

Георгиески да одговори која е причината што се чека да се свика седница на која ќе се констатира разрешувањето? Посочуваме дека советникот треба доброволно да се откаже од извршувањето на едната од двете функции кои во моментов ги извршува со што ќе ја отстрани состојбата на судир на интереси во која се наоѓа. Господо од СДСМ, Судирот на интереси е предворје на корупцијата. Наместо власта на СДСМ да ги почитува законите, таа учествува во судир на интереси и ги прекршува законите, реагираат од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива