Од вечерва филмот „Врба“ на Милчо Манчевски пред охридската публика

Охрид, 1. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Од вечерва долгоочекуваниот филм „Врба“ на нашиот најнаградуван режисер Милчо Манчевски ќе се прикажува во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Премиерата е вечерва, а проекции ќе има до вторник 5-ти ноември, со почеток во 20:00 часот. Цената на влезниот биле е 150 денари.

Македонска премиера на филмот покрај во Охрид има и во Скопје, Битола и Штип.

„Врба“ ја следи приказната за три македонски жени кои не го менуваат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави хероини во филмот.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. „Врба“ е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.

– Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути, вели режисерот Манчевски.

Главните улоги ги толкуваат младите актери: Никола Ристески, охриѓанката Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Снимањето на филмот е на разни локации низ Македонија меѓу кои се живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, Преспанскиот Регион и различни локации низ Скопје. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива