Уште вечерва и утре „Врба“ на Милчо Манчески пред охридската публика

Охрид, 4. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Уште вечерва и утревечер охридската публика ќе може да го погледне најновото остварување на нашиот најнаградуван режисер Милчо Манчевски филмот „Врба“.

Проекциите започнаа во петокот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Почетокот е од 20:00 часот, а влезницата чини 150 денари.

„Врба“ ја следи приказната за три македонски жени кои не го менуваат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави хероини во филмот.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. „Врба“ е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.

– Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути, вели режисерот Манчевски.

Главните улоги ги толкуваат младите актери: Никола Ристески, охриѓанката Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива