Георгиески: Жалам за немилиот настан, детектирана е појава на носење бездомни кучиња од други градови

Охрид, 8. ноември 2019 (ИНПРЕС) – По вчерашната вест за отруени кучиња во строгиот центар на градот, со реакција се јави и охридскиот градоначалник, д-р Константи Георгиески.

– Труењето на кучињата на градскиот плоштад во Охрид, видно ги вознемири граѓаните и мене како градоначалник. Искрено жалам за овој немил настан и се прашувам дали е можно некој да се дрзне и на ваков нехуман начин да се справува со бездомните кучиња. Овој настан предизвика лавина реакции во јавноста, но за жал имаше и неаргументирани, навредливи и злонамерни обвинувања кон мене како градоначалник на Охрид. Не сакам да верувам, но искрено се сомневам дека зад сево ова стои „некој“ кој со вакви нехумани и валкани постапки, сака да го наруши мојот и угледот на Охрид. Локалната самоуправа интензивно работи на создавање услови за решавање на проблемот со бездомните кучиња, но тоа, како и секаде е сложен процес. Тој процес, за разлика, од други средини, во општина Охрид е во завршна фаза, со што на хуман начин, бездомните кучиња ќе се тргнат од јавните површини и нема да бидат опасност за граѓаните. Jавноста треба да знае дека детектирана е појава на носење бездомни кучиња од други градови, па затоа , упатувам јавна порака до сите надлежни институции и граѓаните да се вклучат во процесот на откривање на оние кои ги трујат кучињата на јавни места, а особено на „организаторите“ кои, за жал, тоа го прават да го нарушат угледот на Охрид, а можеби и да „спечалат некој поен за политички публицитет, напиша Георгиески на неговата страна на Facebook. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива