ВМРО-ДПМНЕ: Зошто и покрај сите услови не функционира стационарот во „Мaуцкер”?

Охрид, 8. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Масовното труење на бездомни кучиња на градскиот плоштад ја згрози јавноста, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Со СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески наместо Охрид да биде пријателско место и за домашните миленичиња и за бездомните животни, стана место на монструозно дивеење и садистичко изживување над животните. Ова ли е хуманиот третман за животните? До кога Георгиески ќе го чува директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски и заедно ќе го игнорираат овој проблем?
Господине Георгиески уште што треба да се случи за да се разбудите и да преземете конкретни чекори?
Георгиески и Грданоски треба да одговараат за загрозување на безбедноста на сѐ што е живо не само на градскиот плоштад туку и во градот. Георгиески да го разреши директорот Грданоски затоа што оставањето отров, којшто тешко се наоѓа со посебна процедура, на јавни површини е кривично дело и предизвикува опасност по живот. Зошто и покрај тендерот за заловување, стерилизација и кастрирање на бездомни животни, обезбедени средства, вработени луѓе, набавени возила и комплетна опрема за заловување не функционира стационарот во „Мaуцкер”? Со локалната власт на СДСМ ниту профункционира стациoнарот, ниту закони, ниту полиција која постапува и штити. ВМРО-ДПМНЕ бара брза реакција и разрешница од СВР Охрид, Јавното Обвинителство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Господине Георгиески Ве потсетуваме уште еднаш на тоа што го порача виолинистката Ванеса Меј на отворањето на манифестацијата „Охридско лето“: „Властите да не даваат бесплатен отров за труење на бездомните кучиња!“ СДСМ и Георгиески не се на правиот пат затоа што не преземаат конкретни мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња, порача на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива