Од денес почнува бесплатната вакцинација против сезонски грип

Охрид, 22. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Од денес во охридскиот Центар за јавно здравје ќе започне бесплатната вакцинација против сезонски грип.

Право на ваква вакцина имаат лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени и здравствени работници и деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а за тоа мора да обезбедат упат од матичен лекар на кој ќе биде назначен терминот за вакцинирање. За таа цел за Охрид се обезбедени 1.350 дози.

Покрај ова, од вторникот започна и комерцијалната имунизација против грип. За Охрид беа набавени 2.000 дози висококвалитетни четиривалентни вакцини кои чинат 650 денари.

Од Центарот за јавно здравје за Супер радио и OhridPress велат дека интересот за вакцинација оваа година е многу голем. Има и многу пациенти кои досега не ја користеле оваа пракса, а сега дошле да се вакцинираат.

Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје повторно ќе вршат вакцинација против грип во домашни услови за лицата кои не можат да дојдат во амбулантите, постари од 65 години како и за лицата со хендикеп или телесен инвалидитет.

Десет до петнаесет дена е потребниот период за да се создадат антитела и имунизацијата да има ефект. Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива