Екипи на Центарот за јавно здравје вршат теренска вакцинација против грип

Охрид, 25. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје и оваа сезона вршат вакцинација против грип во домашни услови за лицата кои не можат да дојдат во амбулантите.

Медицински лица ги посетуваат во домовите граѓаните кои поради старост, одреден хендикеп или телесен инвалидитет не се во можност да одат во просториите на центарот.

– Доколку сте обезбедиле упат од матичен лекар со термин за вакцинирање против сезонски грип или сакате да се вакцинирате со комерцијална вакцина по цена од 650 денари, а не сте во можност поради горенаведените причини да дојдете во амбулантите на Центар за јавно здравје, ве очекуваме да се јавите на еден од телефоните на Центар за јавно здравје Охрид 046/231030 и 078/488255 каде ќе ги оставите потребните податоци за нашите мобилни екипи да дојдат и ве вакцинираат против сезонски грип во вашиот дом, информираат од Центарот за јавно здравје.

Фотографија на Центар за јавно здравје - Охрид.

Фотографија на Центар за јавно здравје - Охрид.

Инаку во тек е вакцинацијата против сезонски грип со комерцијална четиривалентна вакцина по цена од 650 денари. Од Центарот за јавно здравје за Супер радио и OhridPress велат дека интересот за вакцинација оваа година е многу голем. Се врши и бесплатно вакцинирање, а право на ваква вакцина имаат лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени и здравствени работници и деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а за тоа мора да обезбедат упат од матичен лекар на кој ќе биде назначен терминот за вакцинирање. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ЦЈЗ