И десетгодишно девојче загина во земјотресот во Албанија, досега девет жртви

Драч, 26. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Најмалку девет лица загинаа, а 325 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала, кој утрово ја погоди Албанија.

Земјотресот предизвика голема материјална штета, но и паника меѓу жителите на Тирана. Според извештаи на албанските медиуми, во земјотресот загинале девет лица, додека според ТиранаПост, животот го загубиле најмалку седум лица, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, кое останало затрупано под урнатините.

Епицентар на потресот е лоциран меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси, од кои последниот, со интензитет од 5,4 степени беше евидентиран во 07:10 часот.

Во тек се спасувачки операции, во обид да се извлечат затрупаните од под урнатините. Покрај другите структури во справување со ситуацијата вклучени се и над илјада припадници на полицијата, како и пожарникарските служби и војската.

Соседно Косово соопшти дека е испратен тим за итни ситуации, кој ќе помогне во спасувачките акции, додека ЕУ и САД веднаш понудија итна поддршка.

– Европската Унија и стои на располагање на Албанија по земјотресот кој ја погоди земјата рано изутринава“, соопштија службите за надворешни работи на ЕУ. „ЕУ е солидарна со Албанија и подготвена да понуди асистенција, вклучително преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Нашиот центар за координација на итната помош е во постојан контакт со властите за цивилна заштита на Албанија – информираат од прес службата.

Албанскиот премиер Еди Рама, на својот профил на Твитер објави дека Црна Гора и Србија испратиле свои спасувачки тимови во Албанија.

– Црногорскиот премиер (Душко) Марковиќ ми кажа дека специјален тим за евакуација на повредените е на пат кон Албанија, додека друг спасувачки тим тргна од Србија – ми кажа претседателот (Александар) Вучиќ, напиша Рама.

Албанското Министерство за спорт, образование и млади информираше дека е откажана наставата во училиштата во Тирана, Драч и Лежи. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива