ВМРО-ДПМНЕ: Продолжува несериозноста на Локалната самоуправа во раководењето со градот

Охрид, 27. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Несериозноста на Локалната самоуправа во раководењето со градот и понатаму продолжува, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Градоначалникот Константин Георгиески и функционерите на СДСМ „ги решија“ сите проблеми за што беа поставени, па сега ќе се докажуваат и во други сфери во општественото живеење. Откако со ЈП „Охридски комуналец“ и директорот Љупчо Грданоски нема навремено управување со комуналниот отпад, не се чисти градот, се отвораат нови депонии, активирана е дивата депонија во „Мауцкер“, проблемот со кучињата-скитници никако да се реши, гори отпадот во Буково, сега по сите неуспеси Грданоски ќе води и фудбалски клуб. Грданоски да се посвети на решавање на огромниот број проблеми кои повеќе од две години никако да ги реши, а не да врши должност претседател во ФК Охрид. Дали градоначалникот Георгиески е свесен што му се случува на градот? Не се ли поучи од грешката со претходниот директор Владимир Алексијоски дека градот губи? Зошто дозволува сето ова охриѓани да го трпат? За фудбалот има докажани спортски имиња од Охрид, а не треба тоа да се користи за ситни политички поени. Локалната власт предводена од СДСМ и Георгиески покажа како не треба да се води градот затоа што наместо решавање на проблемите создаде многу нови за Охрид и охриѓани, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ИнПрес