Отворање на изложбата „Африка во Македонија“

Скопје, 28. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Музејот на Македонија вечер од 20 часот ќе ја отвори  изложбата „Африка во Македонија“ која ја организира во соработка со Археолошкиот музеј, заводите за заштита на спомениците на културата и музеи од Охрид и од Битола, Музеј на град Скопје и НУ „Стоби“.

– Изложбата е од единствен карактер бидејќи првпат на едно место се прикажува исконската поврзаност помеѓу Македонија и Африка, која започнува во предисторијата и трае до денес. На изложбата ќе бидат презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу овие навидум далечни простори, соопшти музејот домаќин на изложбата, чии автори се доц. д-р Гоце Наумов и проф. д-р Никос Чаусидис.

На изложбата, исто така, ќе бидат претставени и повеќе африкански ракотворби и фотографии од личните колекции на Мирослав Масин, Роберт Смилески, Јасмина Никуљска, Петар Јовановски, Кристина Бицева, Билјана Јурукоски, Филип Кондовски и на Скопскиот џез-фестивал. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива