Утре охридска промоција на книгата „Небо во кафез” од Д.А.Лори

Охрид, 29. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Во сабота, на 30-ти ноември, во кафе барот Shilla во Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Небо во кафез“ од охриѓанката Долорес Атанасова-Лори.

Промотор на книгата ќе биде Наташа Сарџоска, а избор од песни од новата книга ќе читаат Пере Ристески, Д.А.Лори и Наташа Сарџоска.

– „Небо во кафез“ како возрасно дете буричка по светот околу себе, го отсокрива, го препокрива, покажува на работи очигледни, а заборавени, или заматени од премногу зашербетена лага, и гласно кажува „Царот во нас е гол!“. Кога сме веќе влезени во ракописот, гледаме дека сме влезени во секојдневјето на градот. Но тоа секојдневје е будно и набљудува. Се посматра самото себе и својата повторливост доведена до бесмисла. А кога ќе почне човек будно да го набљудува секојдневјето, тоа полека се избиструва и од него излегуваат купишта очигледни вистини, а настаните се претвораат во зен-коани пред кои понекогаш читателот стои збунето и оџагорено. Покрај сета сурова искреност со која набљудува субјектот, во поезијата провејува една нишка оптимистична, многу јасна и моќна, која во себе содржи сострадателност и кон себе и кон светот, свест полна разбирање и надеж, која на тој водено-студен светоглед на река понорница му дава топла мајчинска грижливост, но грижливост како мукает, или: посветеност, вели за книгата Ѓоко Здравески. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива