Почетокот на гасификацијата на Охрид денес пред градските советници

Охрид, 29. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Нацрт буџетот на општина Охрид и програмите за работа по сектори за 2020 година, фискална стратегија и развојни програми, годишните планови за вработување во охридските основни училишта и јавните претпријатија како и избор на командир на полициската станица од општа надлежност Охрид се меѓу поатрактивните точки на денешната седница на градскиот совет.

Советниците ќе треба да се произнесат и по предлог – одлуката за поддржување при аплицирање на проект „Изработка на проектна документација за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа во град Охрид, на ниво на: проект за инфраструктура, идеен проект, основен проект и ревизија на проектната документација“.

Советниците ќе одлучуваат и по измените на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на административно деловно трговска зграда која вклучува изградба на затворен зелен пазар, како и за дополнување на одлуката за мораториум за градба во Охрид.

Освен тоа ќе треба да ги усвојат и извештаите за реализација на програмите на секторите на општината, за остварување на буџетот за трите тримесечја од годинава, како и извештаите од работењето и остварените резултати на јавните претпријатија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива