На 6-ти декември премиера на филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

Охрид, 29. ноември 2019 (ИНПРЕС) – Премиерата на новиот филм „Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски ќе се одржи на 6-ти декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

– После смртта на едно дете пациент, кое чека лекување во странство, настанува скандал и младиот доктор Никола за да го избегне притисокот е приморан оди на посета кај дедо му, каде што не бил повеќе од 10 години и таму се среќава со проблемите од неговото минато, открива дел од содржината Пиперкоски.

Филмот започна да се снима кон средината на април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива