Охриѓанецот Димитар Пејчиновски ќе ја претставува Македонија на Светско првенство во текбол

Охрид, 2. декември 2019 (ИНПРЕС) – Охриѓанецот Димитар Пејчиновски ќе ја претставува Македонија на Светско првенство во текбол.

Третото светско првенство ќе се одржува од 6-ти до 8-ми декември во Будимпешта, Унгарија, а ова е првпат да има учесници од Македонија.

– За првпат ќе има учесници и од Македонија на вакво првенство. Јас ќе играм сингл, а во дубл партнер ќе ми биде Константин Чичевски, вели Пејчиновски за Супер радио и OhridPress.

На ова натпреварување се пријавени над 40 екипи.

Инаку, текбол е вид на спорт што е основан во 2014 година во Унгарија од Габор Борсани, поранешен професионален фудбалер и Виктор Хусар, програмер.

Текбол е игра меѓу двајца играчи како сингл, или меѓу три или четири натпреварувачи како игра во двојки и личи на пинг понг.

Се игра на заоблена маса со топка слична на фудбалска, која се префрла со кој било дел од телото освен со рацете.
На меѓународно ниво, играта е претставена од Меѓународната федерација за текбол (Fédération Internationale de Teqball – FITEQ). Голем број фудбалери од светска класа како Нејмар и Кутињо веќе учествуваа на вакви натпревари.
Во тек се преговори текболот како посебен спорт да стане олимписка дисциплина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес