Георгиески најави развоен буџет, опозицијата ќе достави амандмани на реална основа

Охрид, 2. декември 2019 (ИНПРЕС) – Градоначалникот Константин Георгиески најави дека општинскиот Буџет за следната година е развоен, со голем процент на учество на капиталните расходи. Според советниците од опозицијата пак, измените споредено со претходните буџети се минимални.

На последната седница на Совет беа усвоиени нацрт програмите и нацрт буџетот за 2020 година. Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков истакна дека нацртот е клучен, но најави амандмани кога предлогот за „тежината“ на градската каса ќе биде ставен на усвојување.


– Дефинитивно администрацијата е научена да функционира на принципот copy/paste. Има минимални измени. Имавме состаноци и предлози со месни заедници, дополнително имаме проекти кои не сме ги реализирале години наназад. На предлог буџетот ќе имаме амандмани и точно ќе разговараме за недостатоците. Ќе доставиме амандмани на реална основа, кои ќе бидат спој на реална потреба на граѓаните и добро функционирање на општината, потенцира Пецаков.

Според нацрт верзијата на буџетот повеќе средства се предвидени во носечката програма уредување на градежно земјиште каде што ги зголемуваме средствата за изградба и реконструкција на улици и патишта. Предвидуваме повеќе средства за експропријација кои што во дел ќе се искористат за експропријација на парцелата каде што е предвидено изградба на катна гаража по моделот на јавно приватно партнерство, истакна градоначалникот Георгиески.

– Вкупните приходи во нацрт буџетот се проектирани на износ од 1.184,138,350 денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 661.761.845 денари. Во делот на изградба и реконструкција на улици и изградба на други објекти предвидено е, реконструкција на улица „1-ва Македонска Ударна Бригада“, реконструкција на улица „Охридска Бригада“, реконструкција на улица „Марко Цепенков“, реконструкција на улици во населба Христо Узунов, изградба на тротоари и велосипедски патеки на ул. „15 –ти Корпус“, изградба на атмосферска канализација на ул. „7-ми Ноември “. Изградба на нови паркинг места во општина Охрид , партерно уредување на плоштад „Крушевска Република“. Го продолжуваме трендот на вложување во образованието, за наредната година планираме 16 милиони денари за капитални инвестиции во основните и средните училишта ,за замена на азбесни кровови и за промена на подови и столарија, рече Георгиески.

На следната седница како што беше најавено кон средината на овој месец пред советниците ќе се најде предлог буџетот на општината за следната година. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива