Пиперкоски: Преку „Дедо и внук“ сакав емоцијата да ја прикажам на најпрефинет можен начин

Охрид, 5. декември 2019 (ИНПРЕС) – „Дедо и внук“ првиот долгометражен игран филм на еден од најуспешните режисери од помладата генерација, охриѓанецот Илија Пиперкоски, утре премиерно ќе биде прикажан во Центарот за култура „Григор Причев“ во Охрид. Филмот „Дедо и внук“ е семејна драма, носи интимна приказна, полна со емоции.

После смртта на едно дете пациент, кое чека лекување во странство, настанува скандал и младиот доктор Никола за да го избегне притисокот е приморан да оди на посета кај дедо му, каде што не бил повеќе од 10 години и таму се среќава со проблемите од неговото минато.

– Ова беше голем предизвик за мене како режисер, но предизвик и за актерската екипа, за да можеме да „извозиме“ една приказна, која нема да биде манипулативна, во смисла на тоа да нема атракција со сечење, лепење и мотирање на кадирте. Мислам дека преку „Дедо и внук“ успеав на некој начин да ја доведам емоцијата на фимското платно на најпрефинет можен начин, рече Пиперкоски, кој беше денешен гсотин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Супер радио: На филмскиот плакат за „Дедо и Внук“ пишува „Болката е убава работа“. Покрај режисер, Вие сте и сценарист на филмот. Каква приказна носи филмот „Дедо и внук“?

Пиперкоски: Има една сцена од филмот во која се зборува што значи болката, па од тука и таа реплика која ја искористивме за плакатот. Филмот „Дедо и внук“ е семејна драма, носи интимна приказна, полна со емоции. Отескогаш ми беше предизвик да раскажам филм во кој секоја сцена е кадар секвенца. Во филмот понекогаш и без сечење на кадрите, тие толку природно течат, што еден кадар знае да трае и пет минути. Ова беше голем предизвик за мене како режисер, но предизвик и за актерската екипа, за да можеме да „извозиме“ една приказна, која нема да биде манипулативна, во смисла на тоа да нема атракција со сечење, лепење и мотирање на кадрите. Мислам дека преку „Дедо и внук“ успеав на некој начин да ја доведам емоцијата на фимското платно на најпрефинет можен начин.

Супер радио: Кој ги толкува улогите во филмот?

Пиперкоски: Филмот „Дедо и внук“ го посветивме на Салаетин Билал, кој ја толкува улогата на дедото, големиот актер кој си замина пред да го види својот последен филм. Беше вистинско задоволство да се работи со еден од доајените на македонскиот филм. Човек од кого може многу да се научи, не само за филмот, туку и за животот воопшто. Улогата на внукот во филмот ја толкува Дејан Лилиќ, потоа тука се и Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Мето Колоски, Катерина Коцеска, Благој Веселинов, тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски и други.

Супер радио: Колку трае филмот, кога и на кои се локации се снимаше во Охрид?

Пиперкоски: Филмот трае скоро два часа, а снимен е пред две години. Работевме интензивно, по 12 часа дневно и успеавме да го снимиме за 25-26 дена. Интересен беше предизвикот за избор на локации на кои снимавме, во Охрид има премногу добри локации, кадеи да поставиш камера, можеш да извадиш одличен кадар. Има премногу локации и човек тешко може да се реши кои се најавтентични локации, но сакам да напоменам дека кога ги селектиравме локациите, се водевме од самата прикзана во филмот. Не ми беше идејата да го претставам Охрид, во смила на неговата природна убавина, туку идејата ми беше да го претставам како едно мало медитеранско градче, за гледачите кои ќе го гледаат филмот надвор од Македонија, а не биле никогаш тука, да се инспирираат и да добијат желба да го посетат. Би сакал кадрите од филмот да бидат своевидна „мамка“ за оние кои ќе го погледнат, за авантуристите во светот кои сакаат да откриваат нови и магични места.

Супер радио: Претходно ги снимивте краткиот филм „Матасари“, документарецот „Јас и мојот живот без некои работи“, „Чистилиште на душата“, документарно-играниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“. Какво е чувството за еден режисер пред премиерата на својот прв долгомеражен игран филм?

Пиперкоски: Чувството е возбудливо, да признам имам и трема, затоа што знам дека и охриѓани и сите кои ќе ги посетат проекциите на филмот имаат очекувања, пред се очекувања преку кои сакаат филмот на некој начин да допре до нив. Јас сум и сценарист и режисер на филмот и би рекол дека таа возбуда почна уште во моментот кога ги напишав првите зборови од сценариото. Пред мене излегува тој момент кога треба да излезам на сцена и да се обратам кон публиката. Знаете, тешко е да се сними еден игран филм, долго време поминува во барање на фининсиски средства за реализирање на идејата, за смислување и презентација на целиот концепт и визија, за селектирање на тимот кој сето тоа ќе го сработи итн.

Супер радио: Колку време беше потребно за целосната продукција на филмот?

Пиперкоски: Секој филм има три фази во работата. Првата е пред-продукција, подготовка на филмот. Потоа следи снимањето на она што е детално предвидено во првата фаза. Екипата на Дедо и внук броеше околу 50-мина, а снимањето не течеше линерно со настаните во филмот и беше навистина голем предизвик за работа. Веќе потоа следи пост-продукциската фаза, во која материјалот треба да се „среди“ од видео и аудио аспект. Интересно беше што филмот го снимавме во април-мај, времето беше одлично, имаше многу пловни објекти во езерото на кои се случуваа прослави, па процесот на „чистење“ на аудиото за филмот траеше малку подолго. Филмот се работи чекор, по чекор, слој, по слој, се радувам што утре премиерно пред јавноста, ќе го претставам она што со целата екипа го сработивме.

Супер радио: Премиерата е распродадена, ќе има ли уште некоја проекција?

Пиперкоски: Заради преголемиот интерес за премиерата, одлучивме да има уште една проекција, исто утревечер, во терминот од 22:00 часот.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПресфото/видео: ИнПрес