Missing image

Могерини – За ФИРОМ и прашањето за името треба да се најде политичка волја за нивно решaвање

Брисел, 7. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Потребна е политичка волја за решавање на прашањето за името со “ФИРОМ”, порача идната Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент.

По 50-тина прашања поставени од европратениците во рамки на АФЕТ-групата, Словенецот Алојз Петерле, претседател на Мешовитиот комитет на Европарламентот и македонското Собрание, како последен го постави прашањето за иднината на земјите од Западен Балкан во однос на евроинтеграциите, јави МИА од Брисел.

Наследничката на Кетрин Ештон истакна дека и е драго што последното прашање и дозволило да спомене и нешто и за тоа прашање. Според екс-министерката за надворешни работи на Италија, не би било фер да се има еден приоритет на Балканот и дека дополнителна вредност за сите земји е регионалната димензија и ЕУ има поврзаност со овие земји, притоа условувајќи ја Република Македонија со навредливиот акроним “ФИРОМ”:

– Ризикуваме да ги удвоиме проблемите, ако не работиме на интеграција на овие земји. Приоритет број еден е Босна и Херцеговина, по изборите да се осигура раст и да се имплементира начин земјата да излезе од криза. Разговори на Србија и Косово се одвиваат добро на техничко ниво, но треба и на политичко. Албанија има уникатна шанса за реформи, а Црна Гора е прва на листата во однос на напредокот кон Унијата. Во однос на ФИРОМ и прашањето за името, верувам дека треба да се најде политичка волја за негово решавање, посочи Могерини, додавајќи дека се надева дека не заборавила некоја од другите земји од Балканот.

Федерика Могерини истакна и дека треба ЕУ треба да се грижи и за соседството, вклучително и на Балканот и Турција, бидејќи според неа “целата политика на проширување е добар механизам”. (Крај)

извор: МИА фото: архива