До крајот на годинава уште две проекции на филмот „Дедо и внук“ во Охрид

Охрид, 23. декември 2019 (ИНПРЕС) – До крајот на годинава новиот филм на охридскиот режисер Илија Пиперкоски ќе има уште две проекции во охридскиот центар за култура.

Сите оние кои досега не ја погледнале оваа емотивна приказна со длабока порака тоа може да го направат вечерва од 20:00 часот и на 30-ти декември во истиот термин.

Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, успеа да раскаже прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук. Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па посетителите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите од нивните најблиски и пријатели.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.

Филмот кој е посветен на Салаетин Билал, големиот актер кој си замина пред да го види својот последен филм, започна да се снима кон средината на април 2017 година и е единствениот долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Димитрие Османли „Мирно лето“, кој е целосно снимен во Охрид.

По премиерата во Охрид, филмот „Дедо и внук“ се прикажуваше и во Скопје и Битола. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива