Културните работници од Охрид се приклучија кон предупредувачкиот штрајк

Охрид, 24. декември 2019 (ИНПРЕС) – Градот Охрид како културен и духовен центар уште од антиката со бројни културно-историски споменици, има значајно место во развојот на културата во Република Македонија. Културата е една од основните гранки за постоењето и идентитетот на државата, стои во дописот на културните работници од Охрид, кои се приклучија кон предупредувачкиот штрајк.

– Постојано се зборува за УНЕСКО и заштитата на културното наследство, а каде се тука оние кои се грижат за тоа културно наследство? На дното на општествената скала, со недоволно средства за егзистенција и без можност да размислуваат за напредок на заштитата на културното наследство и музеологијата како нивна основна дејност! НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Охрид, како институција надлежна за заштитата и музеологијата во општините Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани, поради непотпишување на Колективниот договор на ниво на културата, на ден 24.12.2019 година стапува во предупредувачки штрајк со присуство на вработените на своите работни места и со неисполнување на зацртаните работни задачи. Воедно информираме дека сувенирниците кои се под надлежност на НУ Завод и Музеј- Охрид на овој ден нема да работат, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива