„Таинство на богомилите“ најдобра поема за 2019 година на конкурсот за наградата „Григор Прличев“

Охрид, 25. декември 2019 (ИНПРЕС) – Ракописот „Таинство на богомилите“ под шифра „Пролог“ е победник на конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2019-та година.

„Таинство на богомилите“ едногласно е избрана за најдобра меѓу пристигнатите ракописи што ги исполнувале бараните критериуми на конкурсот.

Во соопштението на Комисијата задолежена за избор се истакнува дека „Таинство на богомилите“ содржиски и структурно се работи за целина која достигнува цврсто интегративно рамниште, чии дејствителни сегменти се поделени во неколку симболичко-сематички минијатури.

– Таинство на богомилите“, шифра „Пролог“ гради психолошки задлабочено проектирани поетски портрети на неколку ликови, носители на тематските и мотивски целини на поемата: Зографот Стефан, Антим, Китан Даскалот, Дамјан Билкарот, Игуменот, веродостојно пронижани во манастирски амбиент. Во поемата доминираат слики и симболи, во кои онтолошката врска меѓу сликата (иконата) и архетипот (возвишеното), се проектираат како основа на загатнатите догми на православната теологија (Симбол на верата, Логосот, молитвата, крстот, Успението, иконопочитувањето), но и како темел на дијалогизмот од семиотички аспект што го овозможува сфаќањето за иконата како јазик и како сликовен знак. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематските целини, кои умешно комуницираат со традицијата, со изворите на словенската писменост, со релацијата догматско-еретично, со чудото и чудесното. Истовремено иако се работи за проекција на историско време, со сите предизвици и дилеми на еден впишан строг догматско-теолошки „вјерују“, искушенијата и искушувањата, проклетствата и прогонствата, во неа ги препознаваме универзалните димензии на човековата потрага по ангелското и возишеното, по истрајноста во верата на патот кон вистината и светлината, кон „новото небо“. Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен ôд, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата. Со посредство на исказот во кој умешно се редат зборовите во стиховните монолози и дијалози, истовремено се редат и сликите-симболи, поврани со знакот во средновековната култура, кој алудира и на разбирање „без збор“, асоцирајќи на самата слика/икона како текст и јазик. Авторот/ката со именувањето на поемата „Таинство на богомилите“ со примената на филозофско-онтолошките и антрополошко-семиотичките пристапи, ни овозможува поетско разоткривање на светот, на бивствувањето, битието, вербата, стои во образложението на одлуката на комисијата.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на манифестацијата „Прличеви беседи“ што се одржува по повод годишнината од денот на упокојувањето на македонскиот книжевен великан, преродбеникот Григор Прличев. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива