ГДУ: „Успешноста“ на локалната власт нема граници, ги рушиме сите рекорди во загаденост

Охрид, 16. јануари 2020 (ИНПРЕС) – „Успешноста“ на локалната власт нема граници. За тоа се доказ последните анализи за загаденоста на воздухот, реагираат од локалниот огранок на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) од Охрид.

– Имено, ги рушиме сите можни рекорди и се вбројуваме во најзагадените градови во светот. Па затоа редно време е да им се заблагодариме на луѓето кои се грижат за тоа, а воедно ја имаат добиено и довербата на охриѓани да им обезбедат пристен и безбеден живот. Пред само 3 години локалната власт се промени, на власт дојде СДСМ и едно од популистичките ветувањa беше и софистицираната фабрика за отпад, која гледаме дека денес не ја ни спомнуваат, а зошто знаете и самите. Ништо од софистицираната фабрика! Градоначалникот и Општината се бранат со молчење, додека пак директорот на комуналното претпријатие наведува дека со изградба на регионалната депонија проблемот делумно ќе биде решен. Кога тоа, во другиот мандат? На следните локални избори повторно ќе ветувате регионална депонија и софистицирана фабрика? Доста ни е од вашите празни ветувања! Тука мораме да ги спомнеме и грижливите браќа од ДПМНЕ кои сега тажат и жалат за ваквата состојба во која се наоѓа Охрид, а забораваат дека токму тие ветуваа регионална депонија и тоа кога имаа и локална и централна власт, со градоначалникот Никола Бакрачевски и не успеаја да го направат тоа што го ветија. На лицемерието му нема крај! Единствено што посакуваат и едните и другите се само власт и пари, што се однесува пак на Охрид и охриѓани видовме колку се грижите. И за крај од името на ГДУ и од името на нашите сограѓани ве замолуваме да го оставите лицемерието и лажните ветувања и да се посветиме сите заедно на Охрид и да изнајдеме решенија за подобар и поздрав живот, реагираат од партијата. (Крај)

извор: ГДУ фото: архива