Вечерва на академик Георги Старделов ќе му биде врачена Светската награда за хуманизам

Охрид, 18. јануари 2020 (ИНПРЕС) – Вечерва од 19:00 часот, ден пред големиот христијански празник Богојавление Водици на академик Георги Старделов ќе му биде врачена Светската награда за хуманизам за 2020 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани.

Професорот Георги Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број на јазици на сите пет континенти. Тој е четиринаесеттиот добитник по ред на ова исклучително признание, а прв од Македонија, со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Старделов е четринаесеттиот добитник на ова престижно светско признание, а прв од нашава земја. Свеченоста ќе се одржи во Куќата на Уранија.

Градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, ќе му ја врачи наградата на добитникот Старделов, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО. Истата вечер, со посебно признание ќе му биде одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива