Изложба „Охрид/Поглед од другата страна“

Охрид, 18. јануари 2020 (ИНПРЕС) – Во недела, на 19-ти јануари, со почеток во 12:00 часот во Завод и Музеј – галерија „Куќа на Робевци“ во Охрид ќе биде отворена изложбата „Охрид/Поглед од другата страна“.

Станува збор за јавна презентација на проектот „Многу луѓе-многу погледи“, организиран од страна на Центарот за креативни индустрии – НЕБО, а поддржан од програмата „Европски денови на културното наследство“ во рамки на повикот „Приказни за европското културно наследство“.

No photo description available.

– На изложбата „Охрид/Поглед од другата страна“ се изложени селектирани фотографии кои учесниците имаа прилика да ги изработат за време на нивниот тродневен контакт со културното наследство на градот Охрид, како и ликовни дела инспирирани од истиот настан. Целта е да се претстави и сподели македонското културно наследство ситуирано во градот Охрид како дел од големото европско културно наследство, преку очите на маргинална група – психијатриски пациенти, информираат организаторите.

No photo description available.

Проектот е реализиран во соработка со ЈЗУ „Психијатриска болница“ од Демир Хисар, а во него учествуваат: Гајтана Врбовска, Каролина Луческа, Снежана Неделковска, Ерол Етемовски и Јане Крстески. Куратори на изложбата се Стефан Шашков и Јасмина Котевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива