Охрид ќе ја одбележи годишнината од смртта на Григор Прличев

Охрид, 4. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Општина Охрид и образовните и културни институции кои го носат името на преродбеникот и ловороносец Григор Прличев со традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ ќе одбележат 127 години од неговата смрт, јубилејните 190 години од неговото раѓање  и 160 години од издавањето  на поемата „Сердарот“.

Настаните започнуваат од денес од 17:30 часот во ОУ „Григор Прличев“ со промоција на стихозбирката „Мојата шарена стихувалка“ од ученичката Матеа Стоев.

Утре од 11:45 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде отворена изложба на ликовно дела на уметници од Македонија, а од 12:00 часот започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградената поема за 2019 година, Стево Симски.

В четврток, 6-ти февруари од 10:00 часот е предвидено полагање цвеќе пред спомен-бистата на Прличев во основното училиште, по што ќе следи Прличевата визита. Од 10:45 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен-бистата на Прличев пред охридската библиотека и обраќање на претставник од Друштвото на писатели на Македонија. Панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев ќе се одржи од 11:30 часот.

Од 12:00 часот во спомен-куќата  на Григор Прличев ќе се обрати претставник на општина Охрид по што ќе следи промоција на книгата „Антологија на ловорот“. Од 13:00 часот пак во Библиотеката за животот и делото на Прличев – Вториот Хомер со свои лични навраќања кон истражувањата на неговото творештво, нераскинливо врзано за Охрид ќе беседи проф. д-р Вера Стојчевска- Антиќ. Потоа ќе биде промовиран Каталогот на стари и ретки книги – издание на библиотеката. Промотор ќе биде Богомир Наумоски, библиотекар – советник од Струга. Настанот ќе биде заокружен со Прличевата визита и настапот на Михаил и Иван Мишеви кои ќе ја изведат Прличевата „1762 лето“.

В петок, 7-ми февруари по повод патрониот празник е предвиден спортски ден во организација на ОУ „Григор Прличев“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива