Охридскиот музичар Мартин Милески го издаде деби албумот „Colosseum full of emotions“

Охрид, 6. февруари 2020 (ИНПРЕС) – Младиот охридски музичар, гитарист, композитор и вљубеник во музиката, Мартин Милески го издаде својот деби албум наречен „Colosseum full of emotions“.

– На албумот има осум инструментални нумери, а со снимање започнав во 2017 година. За странскиот пазар беше објавен во април 2019 година. Сниман е во студиото на Александар Јосифовски „Lunar Acoustix“. На албумот исто така се слушаат звуците на Хендрик Зингер и Блаж Ангелков, кој е гостин на една песна на бас гитара и Мухамед Реџепоски на саксофон. Обвивката е дело на Александар Илиевски. Аранжманите на 7 од песните се дела од самиот продуцент Александар и секако мои, а еден од аранжманите е дело на, прерано починатиот, Андреј Лаброски, вели Мартин.

Image may contain: text that says 'COLOSSEUM FULL OF EMOTIONS Mileski'

Додава дека сите нумери на албумот се огледало на неговиот живот и дека целосната инспирација за компонирање на песните ја извлекол од секојдневни ситуации.

– Болката кон моите прерано починати родители, до губење на саканите личности, па се’ до искрените детски насмевки и прегратки, старата и нова љубов, трнливиот пат кон успехот, и сите падови и подеми кои ме довеле до она што денес всушност сум. Сите тие настани ме доведоа до посакуваните тонови за да го искомпонирам моето првенче. Секоја песна раскажува своја приказна низ тонови, вели Мартин.

Image may contain: 1 person, beard, guitar, text and outdoor

Тој напоменува дека албумот претставува биографска приказна, тежок и трнлив пат кој го изодил во минатите неколку години и го посветува на неговите родители и неговата најголема љубов. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива